2 Chronicles 9
1 Савската царица, кога чу за славата Соломонова, дојде во Ерусалим да го испита Соломон со гатанки; дојде со многу големо богатство и камили, натоварени со благопријатни мириси, многу злато и скапоцени камења. Дојде кај Соломон и говореше со него сѐ што ѝ беше на срце.
2 Соломон ѝ ги објасни сите нејзини зборови, и не се најде ништо непознато за Соломон, што не можеше да ѝ го објасни.
3 Царицата од Сава, откако ја виде мудроста на Соломон и домот, што тој го беше изградил,
4 и јадењата на трпезата негова, и живеалиштата на слугите негови, состојбата на прислужниците негови и облеката нивна, пехарниците и облеката нивна, и одот, со кој тој влегуваше во домот Господов, — остана без здив!
5 Тогаш таа му рече на царот: „Вистина е она што го бев слушала за твоите дела и за твојата мудрост;
6 но јас не верував на нивните зборови сѐ додека не дојдов и не видов со очите свои. И еве, ни половината не ми е кажано за твојата голема мудрост: ти ја надминуваш приказната, што сум ја чула.
7 Блажени се твоите луѓе, блажени се тие твои слуги, кои секогаш стојат пред тебе и ја слушаат мудроста твоја!
8 Нека е благословен Господ, твојот Бог, Кој благоволи да те постави на Својот престол за цар пред Господ, твојот Бог. Поради љубовта на твојот Бог кон Израел, за да го зацврсти засекогаш, Тој те постави за цар над него, — да делиш суд и правда.“
9 Потоа таа му подари на царот сто и дваесет кикари злато и големо множество благопријатни мириси и скапоцени камења: немаше нигде такви мириси, какви што савската царица му подари на Соломон.
10 Но и слугите Хирамови и слугите Соломонови, кои го донесоа златото од Офир, донесоа и црвено дрво и скапоцени камења.
11 Царот од тоа црвено дрво направи скали за домот Господов и за царскиот дом, и лири и харфи за пејачите. Такво нешто не беше видено пред тоа во земјата јудејска.
12 А царот Соломон ѝ даде на царицата од Сава, сѐ што посака и побара, освен такви работи, какви што таа му беше донела. Потоа таа се врати во својата земја со слугите свои.
13 Златото, што му доаѓаше на Соломон во текот на една година, по мерка изнесуваше шестотини и шеесет кикари.
14 Освен тоа, донесуваа уште и поданици и трговци, и сите цареви арапски и обласни началници му донесуваа злато и сребро на Соломон.
15 И направи царот Соломон двесте големи штита од ковано злато — по шестотини шекели злато за секој штит, —
16 и триста помали штита од ковано злато — по триста шекели злато за секој штит; и царот ги постави во домот од леванонско дрво.
17 Царот направи и голем престол од слонова коска, и го обложи со чисто злато,
18 и шест скалила до престолот и златно подножје, изградено заедно со престолот, и потпирки од двете страни на седиштето, и два лава, што стојат до потпирките.
19 И уште дванаесет лава што стоеја таму од двете страни на шесте скалила. Таков престол немаше во ниедно царство.
20 Сите садови од кои пиеше царот Соломон беа од злато, и сите садови во домот од леванонско дрво беа од чисто злато; од сребро немаше ништо, зашто среброто во Соломоновото време не се ценеше многу.
21 Царските кораби одеа во Тарсис со слугите Хирамови и секои три години корабите се враќаа од Тарсис, па донесуваа злато и сребро, слонова коска, мајмуни и пауни.
22 Така царот Соломон ги надмина сите земни цареви по богатство и по мудрост.
23 Сите земни цареви сакаа да го видат Соломон, за да ја слушнат мудроста негова, која Бог ја беше внел во срцето негово.
24 И секој од нив донесуваше со себе дар: сребрени садови и златни садови, облека, оружја, благопријатни мириси, коњи и маски — секоја година.
25 Соломон имаше четири илјади стаи за коњи и коли и дванаесет илјади коњаници; ги беше населил по градовите со бојни коли и кај себе — во Ерусалим.
26 Владееше над сите цареви — од реката Еуфрат до филистејската земја и до египетските предели.
27 Царот направи и златото и среброто во Ерусалим да бидат еднакво вредни со обичните камења, а кедрите, поради нивното множество, ги направи еднакво вредни со смоквите по полињата.
28 Коњи Соломон увезуваше од Египет и од сите земји.
29 Другите дела Соломонови, први и последни, опишани се во записите на пророкот Натан и пророштвото на Силомецот Ахија и во виденијата на јасновидецот Једо за Јеровоам, Наватовиот син.
30 Соломон царуваше во Ерусалим над сиот Израел четириесет години.
31 Почина Соломон кај своите предци, и го погребаа во градот на татко му Давид. А место него стана цар синот негов Ровоам.